Каратистот Филип Стојанов, член на карате клубот „Партизан“ од Кочани, ќе биде дел од четиричлената македонска репрезентација која ќе учествува на Светското првенство, што во октомври ќе се одржи во Венеција, Италија.
Правото за учество на најголемото карате натпреварување тој го обезбеди со одличниот настап на Бергер турнирот за кадети, јуниори и У21 што викендов се одржа во Кичево, а којшто имаше изборен карактер. На турнирот настапија најдобрите четворица каратисти од секоја категорија на натпреварите во рамки на Купот на Македoнија, што пред една недела се одржа во Охрид.

На Бергер турнирот секој од четворицата најдобри по категории, имаше борби со своите противници, а според пропозициите, само првопласираниот има право на настап на Светското првенство.
Стојанов, кој настапи во категоријата кумите јуниори +76 килограми, против тројцата противници извојува победи и беше првопласиран. Со тоа си обезбеди место во репрезентацијата за настапот во Венеција, а потоа и за Балканското првенство што ќе се одржи во декември.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.