Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани го најави одржувањето на третото издание на спортско-рекреативнaта трка „Gratche trail – experience 2026“.
Трката ќе се одржи на 25 октомври на планинска патека во непосредна близина на езерото Гратче.
Организаторите очекуваат и оваа година одзивот да биде голем, со околу 250 учесници, за кои е подготвена патека со мали измени во споредба со минатата година.

Претставникот на Клубот за планински спортови „Осоговски орел“, Мартин Стоилов, упати покана до сите љубители на спортот и планината да бидат дел од овогодинешното издание.
– Имаме чест да го најавиме одржувањето на ‘Гратче Треил 2026’ — спортско-рекреативен настан посветен на промоција на планинарското трчање, активниот живот и спорт. Настанот ќе се одржи на 25 октомври на атрактивна планинска патека во околината на езерото Гратче. Ги повикуваме сите заинтересирани учесници, рекреативци и љубители на планинарското трчање да се приклучат и со свое учество да придонесат кон успешната реализација на настанот. Ве покануваме да бидете дел и заедно да ги промовираме спортот, природата и активниот живот. Сите заинтересирани можат да се пријават преку линкот објавен на нашата официјална страница на Фејсбук и на Инстаграм — КПС ‘Осоговски орел’, истакна Стоилов.

Трката ќе има старт од локалитетот Бавчалук и ќе се трча на патека со вкупна должина од 17 километри и позитивна денивелација од околу 700 метри, водејќи ги натпреварувачите низ разновиден планински и шумски терен исполнет со земјени, каменести и технички делници.
Котизацијата за учество изнесува 500 денари, а секој пријавен натпреварувач добива стартер пакет кој опфаќа стартен број, храна, подароци од спонзорите и финишерски медал за успешно завршување на трката.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






