На пригодна свеченост што се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“, денеска во Кочани беше означен почетокот на имплементацијата на иницијативата „Wi-Fi за Западен Балкан“. Овој проект, кој е дел од пошироката програма „EU4Digital“, има за цел да обезбеди бесплатен, сигурен и висококвалитетен интернет на јавни локации за граѓаните и посетителите.
Кочани е избрана како прва од вкупно 64 општини во државата каде што ќе се инсталираат вакви зони со бесплатен интернет. Проектот е кофинансиран од Европската унија и Владата на Германија, а го спроведува Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) во партнерство со Министерството за дигитална трансформација и Македонски Телеком.

Градоначалникот на Кочани, Владко Грозданов упати благодарност што била препознаена важноста на дигиталната поврзаност како предуслов за современ и инклузивен локален развој.
-Со овој проект, во Градскиот парк во Кочани и во Домот на културата, граѓаните ќе имаат пристап до бесплатен, сигурен и квалитетен интернет. Проектот го унапредува пристапот до дигитални услуги, образование и јавни информации и им овозможува на граѓаните и посетителите лесна поврзаност, ги поддржува малите бизниси и го збогатува туристичкото искуство на нашиот град, истакна Грозданов.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова е конкретен чекор кон подобрување на дигиталната поврзаност на местата каде што граѓаните најчесто се движат, учат и работат.
-Дигиталната трансформација мора да стигне рамномерно до секој граѓанин и до секоја општина, независно дали е урбана или рурална, рече Андоновски, најавувајќи и нов центар за услуги и дигитализација на општинската администрација во Кочани.
Заменик-амбасадорот на Германија, Аксел Фос, потенцираше дека Германија е најголем поединечен чинител во овој проект, учествувајќи со значителни средства преку буџетот на ЕУ и директно финансирање.
-Зошто овој проект сега? Многу луѓе веќе имаат интернет дома и секој носи паметен телефон. Но, ако имате проблем со вашиот Wi-Fi дома, ако ви се потроши пакетот или не сте ја платиле сметката, сега секогаш можете да дојдете во центарот на градот и да бидете „спасени“, бидејќи градот ќе ви помогне со овој бесплатен јавен интернет. Самата идеја не е нова; веќе е имплементирана во многу европски градови и села, каде околу 7.000 општини во ЕУ веќе го имаат истиот систем. Затоа, малку е веројатно дека овде нема да успее, рече заменик амбасадорот Фос.

Претставникот на делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау, објасни дека целта на ЕУ е да обезбеди гигабитна поврзаност за сите до 2030 година, притоа намалувајќи го дигиталниот јаз помеѓу урбаните и руралните средини.
-Северна Македонија постигна извонреден напредок во развојот на широкопојасниот интернет со силна инфраструктура и поврзаност со голема брзина во урбаните средини. Сепак, остануваат одредени разлики, особено во руралните и планинските региони. Преку националниот широкопојасен оперативен план, земјата презема одлучувачки чекори за проширување на пристапот до ултра-брз интернет во согласност со дигиталните стандарди на ЕУ, и на тој начин да обезбеди еднакви можности за сите граѓани, да го зајакне регионалниот развој, да ја намали нееднаквоста и да ја поддржи долгорочната економска отпорност, истакна Нупнау.

Директорот на GIZ за Македонија, Давид Оберхубер, појасни дека пристапот до интернетот е целосно безбеден и во согласност со европските стандарди.
Славко Пројковски од Македонски Телеком порача дека поврзувањето е основен предуслов за развој и еднакви можности за сите сограѓани. Оваа иницијатива не само што го олеснува пристапот до информации и образование, туку ги поддржува и локалните бизниси и го збогатува туристичкото искуство во градот.
На настанот беше потпишан и Меморандум за разбирање, со кој Општина Кочани се обврзува да продолжи со одржување на системот по првичните 18 месеци, колку што е покриено финансирањето од донаторите.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






