Во Кочани почна со работа Центарот за дневен престој на лица со попреченост „Пролет“, нова меѓуопштинска социјална услуга наменета за возрасните лица со попреченост од општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.
Проектот е реализиран во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Светска банка, во партнерство со трите општини и Црвениот крст – Општинска организација Кочани како давател на услугата.
Центарот, сместен во дел од Спомен домнот АСНОМ, им овозможува на корисниците место за стручна поддршка, развивање и одржување на способностите и вештините, како и простор за социјализација и стекнување нови пријателства.

Истакнувајќи ја важноста на проектот за целата заедница, градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, нагласи дека центарот е изграден со заеднички сили за многу кратко време.
-Еден прекрасен момент е кога ќе ја видите среќата во очите на оние кои немаат можност сами да се грижат за себе. Со отворањето на овој дневен центар, Општина Кочани во соработка со Министерството, Црвениот крст, општините Зрновци и Чешиново-Облешево, како и општествено одговорните компании, се потрудивме и за многу брзо време го изградивме овој центар каде нашите најмили ќе поминат прекрасен дел од денот во дружба и со поддршка од ангажираните лица. Ова не е дневна политика, ова е грижа на сите нас и начин на оддавање почит кон нив, рече Грозданов.

Министерството за социјална политика, демографија и млади, предводено од министерот Ѓоко Велковски, обезбеди клучна финансиска, институционална поддршка и лиценцирање за воспоставување на оваа социјална услуга.
Генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, го истакна значењето на хуманитарните партнерства за подобрување на условите за ранливите категории граѓани.

-На хуманоста ѝ се потребни партнерства, таа е многу поефикасна, посодржајна и побрза кога луѓето се здружуваат. Денеска имаме типичен таков пример каде сите се здруживме како партнери и придонесовме да создадеме пријатна средина за луѓе кои понекогаш знаеме и да ги заборавиме. Црвениот крст останува посветен на соработката со централната и локалната власт за овозможување подобри услови за живеење и работење на посебните целни групи, рече Саити..

За адаптација, надзор, изработка на проектот и уредување на дворната површина, Општина Кочани обезбеди сопствено кофинансирање во износ од 800.000 денари.
Оброците за корисниците во дневниот центар се обезбедени преку ЈОУДГ „Павлина Велјанова“ од Кочани, додека во градежните активности и опремувањето на надворешниот простор со летниковец и содржини се вклучија и општествено одговорните компании „Алфа Градба Инвестмент“, „Амфенол Технолоџи Македонија“ и „Антура“.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






