Советот на Општина Кочани даде едногласна подршка за поднесување апликација за проект со кој треба да се изгради ново мултинаменско игралиште на просторот кај браната Гратче.
Се работи за проект што треба да се финaнсира со средства од ЕУ преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, а кофинансирање ќе има и Општина Кочани од сопствeниот буџет.
На 48. седница на Советот беше разгледан предлог-проектот при што беше дадено образложение на кој начин тој требa да се реализира.
-Од Бугарија партнер е регионот Благоевград, а во рамки на самиот предлог-проект една од активностите е и изградба на повеќенаменско игралиште на езерото Гратче во вредност од 8.159.621 денари. Заради тоа, од страна на Советот е потребно да се донесе одлука за давање согласност да се користи недвижниот имот за целите на проектот и реализација на активностите. Тоа е парцелата на која што ќе се гради самото игралиште. Од овие средства 6 милиони ќе се финансираат преку Програмата за прекугранична соработка Македонија – Бугарија, додека остатокот треба да биде сопствено учество со кофинансирање од Општина Кочаани, истакна Елена Димтровска од Општина Кочани.

Крајниот рок до кога Општината треба да аплицира со проектот е до 22 јули.
Според предложениот проект локацијата на мултинаменското игралиште е на парцела од близу 9.000 квадратни метри што е во државна сопственост, а е лоцирана веднаш под преградниот ѕид на браната.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.