Официјалното македонско знаме, еден од трите симболи на државата, во Кочани црвенее од срам поради негрижата и запуштеноста.
На големиот јарбол, што доминира на ридот во непосредна близина на Спомен домот АСНОМ, знамето повеќе од два месеца стои искинато и виснато. На силниот ветер едвај му одолева, оти останало закачено само на едниот агол.
Ниту металниот јарбол и околината во која тој се наоѓа, не се во подобра состојба. Електричната инсталација за осветлување на знамето е искината и оштетена, а искршени се и осигурувачите за четирите рефлектори. Тревата наоколу не е искосена никогаш, а доминираат купишта ѓубре, расфрлано од контејнерите во близина.
На неколку дена пред одбележувањето на 7 Септември – 80-годишнината од ослободувањето на градот и на 8 Септември – 33-годишнината од независноста на Македонија, недостојно е националниот симбол да биде заборавен и препуштен на временските неприлики, а уште повеќе на немарноста на надлежните.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.