Марија Стаменкова е овогодишната жетварска убавица – таа ги освои гласовите на жирито на изборот што синоќа, пред многубројната публика, се одржа во Паркот на револуцијата во Кочани.
Прва придружничка на жетварската убавица е Мартина Костадинова, а втора – Ивона Ефтимова.
Девојките ќе учествуваат во претставувањето на обичајот зажнејување на ориз, на 29 септември, на нива во Оризари.
Отворањето на 33. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ продолжи со настапот на Ненад Вржалски, а публиката уживаше на концертот на македонската поп-дива Каролина Гочева и во настапот на диџеј Ацко.
Во рамки на програмските содржини, за вечерва е најавен голем меѓународен фолклорен концерт и pоп-рок настап на Malinov Special Selection.
За утре во 10:30 часот е планирано традиционалното зажнејување што ќе се одржи на земјоделските површини во атарот на селото Оризари, по што ќе следи културно-забавна програма во која ќе учествуваат ансамблот за изворна музика „Мелем“, оркестарот за народни инструменти при музичкото училиште „Ристо Јуруков“ од Кочани и фолк-пејачот Дамјан Стојаноски.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.