Соседните општини, кои преку своите комунални претпријатија го собираат и го транспортираат отпадот на депонијата кај Кочани, треба да плаќаат одреден надоместок за услугата, за да може дополнителните количини соодветно да се третираат и да се спречи загадувањето на воздухот и почвата.
Такви се обрските што локалните самоуправи од источниот регион, меѓу кои и Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево, ги презеле и дале писмена согласност, во рамки на проектот за изградба и управување со отпадот преку регионалната депонија кај Свети Николе, истакна Ана Мазнева Каранфиловска, раководителка на Секторот за отпад при Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во синоќешната дебата на телевизијата 24 Вести.

-Управувањето со отпадот е обврска на локалната власт, децентрализацијата некако, имам впечаток, дека не успева и повторно прстот се вперува кон централната власт. Во Министерството постои само еден Сектор за управување со отпадот составен од седум луѓе и тие не можат истовремено да бидат во 84 општини и да им кажуваат како треба да одат по проектот. Што ги спречуваше општините Зрновци, Чешиново-Облешево, Виница и Кочани да седнат и да се договорат, како што си стои на хартија, дека ќе се плаќа одреден надоместок за депонирање. Тие општини беа свесни дека треба на Кочани да му се плаќа, се разбира, и во иднина ќе се плаќа за регионалната депонија. Значи, надоместок за отстранување на отпадот е договорено да се плаќа и треба да се плаќа, истакна Мазнева Каранфиловска.
Уште во 2012 година била утврдена Методологија според која општините треба да го плаќаат надоместокот за депонирање на отпадот, но беше нагласена дилемата дали и зошто таа не се почитува. Со средствата што ќе се собираат на тој начин би се покривал дел од зголемените трошоци за управувањето со отпадот, односно за уредување на депонијата кај Бели.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






