ОУ „Раде Кратовче“ доби согласност од Министерството за образование и наука за организирање продолжен престој за учениците во учебната 2024/25 година. Барањето што било испратено кон крајот на минатиот месец веќе е одобрено и ќе може да се применува од наесен.
Со продолжениот престој во училиштето ќе бидат опфатени вкупно 30 ученици, односно по 15 момчиња и девојчиња кои ќе следат настава од прво до трето одделение во една комбинирана паралелка.
Во согласноста се истакнува дека, согласно Законот за основно образование, исполнети се условите за организирање на продолжен престој, а за што не се потребни дополнителни финансиски средства од буџетот на ресорното министерство. Всушност, во рамки на доставеното барање, наведено е дека ОУ „Раде Кртовче“ веќе има обезбедено соодветни просторни услови и наставен кадар од старо финансирање.
Според законските одредби „училиштата можат да организираат продолжен престој за учениците во групи, и тоа од прво до петто одделение со ученици од исто одделение или од прво до трето и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија. Во продолжен престој учениците се вклучуваат во согласност со родителот, односно старателот. За време на продолжениот престој во кој се вклучени ученици од различни паралелки и одделенија, учениците учат, ги работат домашните задачи, работат други училишни обврски и учествуваат во културно-уметнички, спортски и други активности, согласно со годишната програма за работа на училиштето, согласно со Упатството за настава во продолжен престој на ученици од различни паралелки и одделенија, кој го утврдува министерот, на предлог на Бирото за развој на образованието“.
Одделението за јавни дејности на Општина Кочани веќе достави известување за добиената согласност до општинскиот Совет, кој ќе треба да го разгледа на наредната седница, закажана кон крајот на овој месец.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.