Во Министерството за транспорт повторно се размислува за враќање на патничките возови на линиите што неколку години не се во функција, а меѓу нив е пругата кон Кочани.
Ваква најава даде ресорниот министер Александар Николоски во одговорот на новинарско прашање при денешното промовирање на железничкиот превоз на пругата кон кумановското село Бељаковце, а во иднина и кон Крива Паланка.

-Она што е наша амбиција во следниот период јас ги нарекувам овие возови градски возови, затоа што се работи за дистанци што и не се така големи, да пуштиме градски возови и до Тетово и до Гостивар, секако и амбиција да се врати целата линија до Кичево. Понатаму до Штип и Кочани, тоа е следната амбиција, истакна министерот Николоски.

Како што ИПТВ Канал 8 веќе информираше, последен пат свирежот на локомотивата на железничката станица во Кочани се слушна во средината на март 2021 година, кога околу 5 часот изутрината тргна патничкиот воз за Скопје. Следниот ден воз немаше, а на шалтерот од билетарницата во станицата осамна ливче со известување дека билети не се продаваат.
Во краткиот телефонски разговор тогаш од ЈП „Македонски железници“ одговорија дека релацијата кон Кочани не е опфатена со измените во возниот ред поради воведените мерки заради Ковид состојбата и спроведувањето на полицискиот час. Неколку месеци подоцна следуваше ново објаснување дека прекинот на патничкиот транспорт по железничка линија кон Истокот е поради дефект на локомотивата чие сервисирање се најавуваше до почетокот на јуни 2021 година.

Четири години подоцна доаѓа најавата за можно враќање во сообраќај на патничкиот воз на реалцијата Скопје – Кочаник и обратно. Граѓаните се надеваат дека нема да поминат уште толку години за да се види дали овој пат тоа ќе стане реалност или ќе остане само амбиција.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.