Силно невреме проследено со дожд, електрични празнења и ветeр, што во средата во ноќните часови ја зафати територијата на општина Кочани, направи штета и поплави подрумски простории и гаражи на семејни куќи во Кочани.
Улиците беа претворени во реки, а возилата едвај се движеа од големите количини вода по коловозот. Дежурната екипа на Канал 8 беше на терен на улицата „Теодосија Паунов“ каде жителите ја испумпуваа водата што беше влезена во подрумските простории.

-Од 1991 година живеам на улицата „Теодосија Паунов“ и при секој обилен дожд се соочуваме со поплавени домови, подрумски простории и слично. Со малку поголема количина на дожд, водата навлегува кај мене и кај соседите. Имаме електрични пумпи, а поради тоа што понекогаш снемува и електрична енергија, обезбедивме и пумпи на бензин. Досега ги молевме сите градоначалници да ни го решат проблемот, но до денеска нема никаква помош и решение. Не знаеме што да правиме и каде да се обратиме. Уште повеќе се влоши состојбата кога ги направија кружните, од нив водата директно доаѓа кај мене. До сега имаат интервенирано и пожарникарите. Упатувам апел да се реши деценискиот проблем, не е толку тешко и скапо, ако треба и ние самите ќе помогнеме само да ни се изнајде трајно решение, истакна Јане Јанков, жител на „Теодосија Паунов“.

На терен беа и пожарникарите од ТППЕ – Кочани кои интервенираа на повеќе локации во градот и во населбата Оризари. Исто така, тие работеа и на санирање на паднат кров во „Атомските згради“. Дел од улиците во градот останаа и без јавното осветлување.
УХМР најави дека нестабилното време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе се задржи до петок, особено во попладневните часови.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






