ОМУ „Ристо Јуруков“ ги привршува подготовките за традиционалниот Новогодишен концерт, што годинава ќе се одржи по 23. пат, под називот „Музичката работилница на Дедо Мраз“.
По неколкугодишна пауза поради реновирањето на големата сала, овогодишното издание на концертот повторно се враќа во Центарот за култура „Бели мугри“. Од музичкото училиште информираат дека се планирани четири претстави за граѓаните, што ќе се одржат на 25 и 26 декември со почеток од 17 и 19 часот. Влезниците чинат 300 денари, а дополнително ќе има информации каде и кога ќе можат да се набават.
На концертот ќе има 180 учесници, односно „џуџенца“ и „џуџиња“ кои со класични, но и празнични новогодишни теми ќе ги разлеат музичките тонови пред почетокот на новогодишното славје.
Покровител на Новогодишниот концерт е Општина Кочани, а генерален спонзор е компанијата „ИНТ груп“.
Претходните неколку години поради градежните работи во „Бели мугри“, но и поради Ковид пандемијата, Новогодишниот концерт имаше концепциски измени и се одржуваше на платото пред Центарот, односно онлајн, со видео настап на учениците изведувачи.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.