Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко Тим Исток“ од Кочани организираше дводневна обука за правилна селекција, постапување и документирање на отпад,наменета за претставници од компании од општината кои се задолжени за управување со отпад.
Целта на обуката е компаниите да се запознаат со законските регулативи за правилно управување со отпад, принципите за селектирање, последиците од неправилно постапување, документирање на процеси за селектирање и одложување на отпад, а обучувач беше Билјана Митева, лиценциран управител со отпад.

-Целта на обуката е со претставниците на компаниите задолжени за управување со отпад, но и физички лица и претставници на надлежните институции да размениме знаења и искуства во делот на правилна селекција, постапување и документирање на отпад. Како директно инволвирана во проектот, задоволство ми е и чест што има одлична заинтересираност за обуките. Многу ми е драго што овој проект ќе даде видливи резултати за сите граѓани на општина Кочани кои ќе ни помогнат за понатамошно креирање на политиките за управување со отпад, истакна Митева.
Активноста е во рамки на проектот „Зајакнување на соработката за локално влијание врз јавните политики за справување со отпад во општина Кочани“, што го спроведува Здружението “Еко Тим Исток“, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан”.
Проектот го имплементираат Центарот за правни истражувања и анализи, Македонското здружение на млади правници и Фронт 21/42, а финансиски е поддржан од Европската Унија.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






