Обилните врнежи и невремето што вчера попладне го зафати кочанскиот регион ги преполнија одводните канали и поплавија шест куќи во селото Уларци.
Жителите тврдат дека причина за поплавувањето е еден од каналите што минува низ селото и наместо за собирање на атосферските води, бил претворен во канал за наводнување на оризовите ниви.
– Каналот не е исчистен од поодамна, има трска и отпадоци, а вчера се преполни и се излеа. Другите канали што се покрај селото се затрупани, па сега овој се користи за наводнување на оризот. Наоколу насекаде смрди, дрвата за огрев се поплавени. Се јавувавме кај надлежните во водостопанство, во ЦУК, Општината, но дојдоа само од полицијата и од медиумите. Принудени сме да поднесеме тужби за штетата, па тие нека расчистуваат кој е надлежен за ова, истакна Херанија Јанева, жителка на Уларци.
-Беше страшно невреме со ветер, дожд и град, а смрзнатите зрна стоеја до изутрината. Водата од каналот надојде и беше длабока скоро еден метар. Имаме голема штета во гаражата, куќата, во градината, а оштетен е и хидрофорот за вода. Сè што имавме засеано оваа пролет е уништено, а и живината што ја чувавме се удави, истакна Младенка Донева од Уларци.
Жителите на селото нагласија дека редовно ги плаќаат сметките за воден надомест и за комунални услуги, поради што бараат Локалната самоуправа и водостопанското претпријатие навреме да ги чистат одводните канали. Последиците и штетата што ја направи вчерашното невреме сами ќе ги отстрануваат, во надеж дека наскоро нема да им се повтори.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.