Почитувани сограѓани, жители на градот и околните села, сведоци сме на досега невиденото загадување низ целата општина, како последица на несобирањето на ѓубрето и отпадот од страна на ЈП ,,Солидарност” и Локалната власт во Виница.
Ова е резултат на неспособноста и неодговорноста на градоначалникот Миле Петков, директорот на јавното комунално претпријатие Игор Спасовски и надлежните од локалната и централната власт.
Сакаме да ве прашаме, дали и покрај поскапените комунални услуги, сметате дека граѓаните го заслужуваат ова? Дали граѓаните треба да плаќаат за услуги кои не ги испорачувате и дали немате обврска за укинување на истите, барем за периодот додека е ваква ситуацијата? Не чувствувате ли одговорност да ги известите граѓаните што и како работите, што задкулисно договарате и дали е точно дека доколку соседната општина не излезе во пресрет, ќе активирате нови или веќе затворeни депонии низ градот и населените места?
Каде го депонирате дел од отпадот во доцните ноќни часови и зошто тоа го правите тајно, надвор од очите на граѓаните? Зошто истото го правите само на одредени локации, зар покачените комуналии не се за сите исто покачени?
Немањето слух за ваквата ситуација, која со денови е излезена од контрола, води кон појава на секакви епидемии и заразни болести кај сите нас.
За почеток, бевме сведоци на чистење на депонијата кај с. Лески, кое што, иако беше реализирано од претходната Влада, вие сакавте да си ја припишете ВАМ, за на крај да се постават прашањата: До кога ќе нема депонирање на отпадот? Каде ќе се депонира доколку соседите не ВИ дозволат? И дали ќе активирате нови депонии или ќе продолжиме да бидеме жариште на заразни болести?
Должни сте да дадете одговор на овие прашања бидејќи состојбата станува неподнослива и опасна за граѓаните и околината!
Повикуваме на итно решавање на проблемот и Ваша неотповиклива ОСТАВКА!
ОО СДСМ – Виница
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.