Во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница беше промовирана стихозбирката „Приказни во стихови“ од роднокрајната авторка Бистра Митевска.
Настанот имаше двојно славенички карактер, бидејќи промоцијата на оваа втора стихозбирка се совпадна со одбележувањето на нејзиниот 60-ти роденден.

Во рецензентскиот осврт што го направи Љубинка Ајтовска истакна дека „Приказни во стихови“ претставува книга на спомени, чувства и човечки вредности.

-Таа зборува за домот и родниот крај, за семејството и љубовта, за младоста и зрелоста, за радоста и тагата, за загубата и надежта. Нејзината основната е во непосредноста и искреноста со која авторката му се обраќа на читателот. Ова е стихозбирка која не бара сложено толкување за да ја пренесе својата порака: да се сака, да се памети, да се подава рака, да се чуваат блиските и да се препознава убавината во малите нешта. Токму затоа, книгата остава впечаток на лично и топло поетско сведоштво за животот и за луѓето што го исполнуваат, истакна Ајтовска.

Во своето обраќање пред присутните, авторката Бистра Митевска изрази благодарност и посака кај секој кој ќе ги прочита песните да остане по некој стих со порака, што читателите ќе ја паметат и откако ќе ја затворат книгата. Искажувајќи радост за средбата, таа им посака на сите да дочекаат многу јубилеи и заедницата постојано да се собира за убави работи — родендени, принови и нови пишани дела.


Во рамките на промоцијата беа прочитани неколку поетски творби, а настанот беше дополнително збогатен со музички настап на ученички од Школата за гитара при Домот на културата и нивниот ментор Славко Ѓоргиев.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





