Локалната самоуправа на Виница ги почна активностите за реализација на проектот за изградба на станица за пречистување на отпадните води во селото Блатец, за што веќе е изготвен урбанистички проект.
Се работи за капитална инвестиција што треба да овозможи заштита на животната средина преку зафаќање и соодветен третман на отпадните води од домаќинствата во селото, а потоа ќе се испуштаат во Блатечка Река.

Урбанистичкиот проект вон опфат на урбанистички план се однесува на намената Е1.6 – Канализациска инфраструктура, изработен е во согласност со Законот за урбанистичко планирање и веќе заврши законскиот рок за јавен увид од страна на месното население.
Проектниот опфат според урбанистичкиот план ќе се простира површина од над 2.800 квадратни метри, а локацијата на пречистителната станица е планирана во близина на локалниот асфалтен пат Блатец – Детлово, на просторот меѓу селските гробишта и малото езеро.
По завршувањето на јавниот увид и по разгледувањето на евентуалните забелешки и мислења на засегнатите страни, Општина Виница ќе може да продолжи со другите фази за реализација на целиот проект.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






