Општина Виница објави јавен повик за продажба на градежно земјиште во државна сопственост за изградба на објекти за индивидуално домување, како и за комерцијална дејност, а од кои очекува да инкасира приход од најмалку 31,5 милиони денари.
Градежното земјиште е определено во Деталниот урбанистички план на Виница, Блок 15, дел 1 и 4, како и за Блок 2, дел 2 и 3.
Продажбата ќе се реализира со јавно наддавање, што ќе се одржи на 16 јули, а на кое можат да учествуваат физички иправни лица. Со повикот се нудат 14 парцели со просечна површина од околу 450 квадратни метри за објекти за индивидуално домување – куќи со можност за изградба на приземје, два ката и поткровје. Парцелите се во месноста Блажева Падина, а почетната цена за сите е 61 денар од квадратен метар. Притоа, во цената не е вклучен надоместокот за уредување на градежното земјиште – комуналии, а купувачот треба да го плати и данокот на промет.

Со јавниот повик на продажба се нуди и парцела со површина од 19.386 квадратни метри за изградба на комерцијален трговски објект, во близина на социјалните згради, а чија почетна цена е 1.600 денари за квадрат. Притоа е нагласено дека идниот купувач е должен договорно сам да ги уреди имотно-правните односи со другиот сопственик на градежното земјиште во рамки на парцелата.
Пријавувањето за учество на јавното наддавање за купување парцела е до 14 јули на електронската адреса gradezno-zemjiste.mk, при што треба да се приложи банкарска гаранција за сериозност на понудата во висина од 300 отсто од вкупната почетна цена на парцелата за индивидуално домување, односно 100 отсто од почетната цена за земјиштето за комерцијална намена. Банкарската гаранција треба да е со рок на важност до 31 јули 2027 година.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.