Близу 800 илјади евра им должи Општина Кочани на претпријатија, институции, здруженија на граѓани и физички лица за извршени услуги, набавени производи и други обврски.
Висината на овој долг, над 48 милиони денари, е констатирана со пописот на финансиската состојба заклучно со 31 декември минатата година. Дел од обврските не се подмирени подолг период, иако со договорите што биле склучени е преземена и одговорноста тоа да биде спроведено во разумен рок. Во спротивно, можни се тужби и плаќање камати со што дополнително ќе се зголеми минусот на салдото на општинскиот буџет.
Најголеми долгови Општината има кон десетина фирми кои реализирале градежни работи на сообраќајната инфраструктура и на други јавни површини, за одржување и инсталација на системи за осветлување и производство на електрична енергија, кон КЈП „Водовод“, како и за обврски од донаторски сметки на правни лица. Практично, неисплатените обврски кон овие субјекти се половина од вкупниот долг.

Освен овие неподмирени долгови, Општина Кочани има и обврски за земени кредити. Со два долгорочни заема кај Светска банка, преку Министерството за финансии, вкупната обврскa изнесува над 47 милиони денари. Дополнително, има и обврски за камати од над 6,1 милиони денари. По завршување на периодот за исплата на главнината и каматата, ќе се изврши вредносно усогласување на обврската по основ на камата.
Според тоа, на крајот на минатата година вкупните финансиски обврски само по овие основи изнесувале над 1,64 милион евра.
Пописната комисија утврдила дека на околу половина од сметките на Општина Кочани салдото изнесува нула денари. На буџетската сметка има позитивно салдо од 12,3 милиони денари. Повисок износ на салдото има на наменската сметка за намалување на загубите на вода во водоснабдителниот систем и искористување на соларната енергија во јавното комунално претпријатие „Водовод“ – околу 5,5 милиони денари, како и близу 1,2 милиони денари на наменската сметка за проектите од Декада на Ромите. На останатите наменски сметки, на кои има позитивно салдо, износот е многу помал.
Салдо нула е регистрирано и на новоотворената наменска сметка за реконструкција на дел од булеварот „Тодосија Паунов“, за што Општина Кочани се задолжи со 89 милиони денари од кредитните средства од Владата.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.