Општина Кочани е во средната група на општини во државата според потрошените пари од буџетот за пејачи, групи, организатори и продуценти на музички настани што се случиле во текот на 2023 година. Од општинскиот буџет лани за оваа намена биле исплатени 16.000 евра, главно за одбележувањето на празникот Петровден, за Деновите на кочанскиот ориз и за дочекот на Новата Година.
Најголем поединечен износ од 246 илјади денари, односно 4.000 евра, добиле Панчо и ДНК за концертот на Петровден, но поголем вкупен износ od 340 илјади денари, односно нешто повеќе од 5.500 евра добиле пејачката Бојана Скендеровска и нејзиниот сопруг Васил, како организатор на концертот за „Деновите на кочанскиот ориз 2023“.
Сличен тренд се очекува да има и годинава, ако се земат предвид податоците од истражувањето што ги направи и објави Центарот за граѓански комуникации од Скопје.
За првите десет месеци од оваа година за настап на пејачи и групи од општинскиот буџет на Кочани се исплатени 6.500 евра, односно скоро целиот износ е за прославата на Велигден. Од овие средства 3.700 евра добила групата Нокаут, а 2.400 евра за музичкиот настан „Дајте музика“. Сумата за оваа година сѐ уште не е конечна, со оглед што претстои музички настап за дочекот на Новата 2025 година на поп-пејачката Наташа Малинкова, групата Habana breeze и DJ Sandex.
Општина Виница минатата година за музичко-естрадни настапи исплатила околу 7.400 евра, главно за одбележувањето на 30 Август – Денот на ослободувањето, при што најмногу пари – 3.000 евра добила групата ДНК. Во изминатите десетина месеци од оваа година од општинскиот буџет на Виница за оваа намена се исплатени околу 6.000 евра, без трошоците за претстојната новогодишна ноќ. Притоа најмногу пари 3.500 евра добил Влатко Лозановски – Лозано за концертот на одбележувањето на 30 Август.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации лани за настапот на пејачите и музичките групи во сите општини во државата биле потрошени вкупно 1 милион и 11 илјади евра. Најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Општина Штип добил скоро 26 илјади евра. Најскапо платена годинава е Северина, за која Општина Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип. Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
Општините различно ја спроведуваат набавката на овие услуги, но главно се наоѓаат начини да не се спроведе целосно Законот за јавни набавки и некоја од транспарентите постапки, стои во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.