Општините Кочани, Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево се приклучија кон акцијата „Генералка викенд“ чија реализација почна пред четири години, а годинава ќе се одржи помеѓу 9 и 11 мај.
Врз основа на меморандумот што го потпишаа Министерството за земјоделство, ЈП Национални шуми и здружението „Мен енд Маунтен“ од јуни 2022 година, Владата ја поддржува кампањата ЗЕЛЕНА СОНЧЕВА во годишните планови за пошумување, со посветување на едно дрво за секои десет килограми собран отпад за време на акцијата „Генералка викенд“.

Акцијата во Кочани ќе се спроведе на 9 мај, а според најавата ќе почне во 13:30 часот кај Панаѓурот, потоа во 15:30 часот ќе продолжи на Споменикот на слободата, а во 16:30 часот ќе се реализира во локалитетот Гоцева шума.
Во Виница истиот ден со почеток од 9 часот ќе се чисти на три локации, односно улицата од Дивата топола до Филтер станицата над Ромското Маало, околу Метереолошката станица и на локалитетот Виничко Кале.

В петок на 9 мај, „Генералка викенд“ во Зрновци ќе почне во 10 часот и ќе се расчистуваат Етно паркот, плоштадот и околината на ОУ „Синиша Стоилов“.
Во акцијата се вклучува и Општина Чешиново-Облешево, а со почеток од 8 часот ќе се чисти во селата Облешево, Чешиново, Чифлик, Теранци, Кучичино, Уларци, Соколарци, Спанчево и Бања.

Организаторите на пролетната акција за чистење истакнуиваат дека таа е планирана да се одржува секој мај во период од десет години – од 2021 до 2031 година, односно од 30-от до 40-от роденден на Македонија, а целта е да се исчисти отпадот од минатото и да се рециклира во зелена иднина за нас и генерациите кои доаѓаат.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.