Стотина ликовни дела работени во графика и акварел беа претставени вечерва на изложбата под назив „Стара архитектура“, а којашто е резултат на работата на учениците кои го посетуваат Училиштето за цртање и сликање при ЦК „Бели мугри“ од Кочани.
Инспирирани од архитектурата што во Кочани полека исчезнува или пак од градби чиј изглед е препознатлив во светски рамки, младите ликовни уметници создале прекрасни дела што го потврдуваат нивниот талент и заслужуваат внимание.
-Ова се талентирани ученици кои имаат преголема желба и љубов кон сликарството, кон цртежот и можам да кажам дека на моменти и тие мене ме подучуваа, што е добро, учевме заедно, си ги разменуваме искуствата. Старата архитектура, што е застапена на овие цртежи, тие достојно ја претставија. Овде се претставени стотината цртежи, изработени со молив и јаглен, но има и цртежи кај кои преовладува и бојата, односно преку пастелот, со цртањето и сликањето со темпера, старата архитектура која е на изумирање во нашиот град, ние како ликовни уметници ја забележуваме, и го пресликуваме времето во кое живееме, истакна Александра Димитрова, раководителка на Училиштето за цртање и сликање.

Учениците чии дела се претставени на изложбата искажаа задоволство од она што досега го научиле за ликовната уметност.
-Во летниот период не доаѓав многу, но сепак усепав да создадам три цртежи. Еден од нив е насликан на почетокот од годината, претставува репродукција од друг уметник, а имам и други цртежи. Се потрудив многу и си поминав прекрасно на часовите, истакна Ева Иванова, ученичка во Училиштето за цртање и сликање.
Изложбата „Стара архитектура“ ќе биде отворена во наредните десетина дена, а посетителите можат да ја видат во Салонот 2 на ЦК „Бели мугри“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.