Деновиве од печат излезе кратка брошура за осоговското село Костин Дол, чиј автор е Јане Атанасов, а според идеја на Драги Трајчев.
Брошурата е најава за издавање пообемна монографија со работен наслов „Село кое постои уште само на географските карти“, а за која, освен Атанасов, коавтор е и Славица Цветкова.
Во краткиот текст на брошурата авторот, меѓу другото, нагласува дека Костин Дол е едно од постарите села во кочанскиот дел на Осоговијата. Се наоѓа на надморска височина од 700 до 1.100 метри, помеѓу Црна Река од исток и Бела Река од запад, во географската област Осоговија. Од север и исток се граничи со селото Ново Село, од југоисток со селото Пресека, од југ и запад со селото Речани, а од северозапад со селото Полаки. Од Кочани е оддалечено 18 километри и со општинскиот центар е поврзано со пат што завршува кај манастирот „Св. Симеон Столпник“.

Понатаму во најавата на брошурата се наведува дека Костин Дол е село за кое постојат писмени потврди уште од времето на 16 век. Во етнографски и етнолошки поглед ѝ припаѓа на Шопско-Брегалничката етнографска целина. Во 1900 година во Костин Дол имало 300 жители. Во периодот од 1944 до 1951 година селото било седиште на Народноослободителен одбор во кој припаѓале и селата Речани, Ново Село, Главовица и Небојани. Во периодот 1952-1955 година тоа било дел од Општина Полаки. Во периодот 1955-1996 година селото било дел од Општина Кочани, во која влегле уште 30 планински и полски села. Во периодот 1996-2004 година било дел од Општина Оризари, а повторно влегува во рамките на Општина Кочани од 2004 година.

-Од ова село потекнуваат голем број познати и успешни луѓе во речиси сите професии. Костиндолци се горди што од нивното село потекнува Николчо Илијев, кој во периодот од 2017 до 2021 година беше градоначалник на општината Кочани. Во селото се наоѓа прекрасниот манастирски комплекс посветен на Свети Симеон Столпник, а во една од зградите до него беше сместено четиригодишното училиште „Јоаким Крчовски“. Големиот пожар што во 2021 година зафати голем дел од ова село не само што им ги изгоре имотите на костиндолци, туку им ги изгоре и надежите за ревитализација на старите и напуштени домови и желбата барем во текот на летото да се враќаат во нив, се истакнува во брошурата.
Во печатената брошура има краток текст за светецот Симеон Столпник кој е патрон на истоимениот манастир, а претставени се и повеќемина познати и успешни луѓе кои потекнуваат од Костин Дол. Повеќе примероци од оваа брошура се однесени и во манастирот, па секој посетител ќе може да ја добие и да се запознае со карактеристиките на селото и на верскиот објект.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.