По двете претходни посети на делегации од шведскиот град Гетеборг во Кочани по трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ на 16 март 2025 година, делегација од Кочани престојува во Шведска за да продолжи со размената на искуства во однос на лекувањето и превенцијата.
Во составот на делегацијата се претставници од Здружението на граѓани „16 март 2025“, Општина Кочани, од Територијалната противпожарна единица и Доброволното противпожарно друштво Кочани и граѓански активисти.


Во рамки на програмата за престојот реализирани се активности насочени кон размена на знаења и поддршка на заедницата. Делегацијата оствари посети на младински и културни центри, како и средба со роднинското здружение БОА од Гетеборг.
Членовите на делегацијата го посетија и местото на пожарот од 1998 година во дискотеката во Гетеборг, во кој исто така трагично го загубија животот 63 млади луѓе.
Во рамките на официјалниот престој за делегацијата од Кочани имаше вечера во Градското собрание, организирана од градоначалникот на Гетеборг, како и стручни сесии и обуки за безбедност, превенција од пожари, противпожарни техники и методологии за поддршка во кризи.


Главната цел и заедничка нишка на целата програма е градењето мостови меѓу различните актери и сектори во општеството, со цел да се овозможи вакви трагедии никогаш да не се повторат.
Заменик-шефот на мисијата во Амбасадата на Шведска, Елисабет Далберг Фриск, изрази задоволство што беше поканета директно да биде сведок на силните врски изградени меѓу Гетеборг и Кочани, со длабока почит кон оние што ги загубија своите животи.
Од Амбасадата упатија благодарност за поддршката и партнерството до Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и „Europe House Skopje“, како и до сите вклучени организации и институции од Гетеборг и Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






