Членови на планинарскиот спортски клуб „Осогово“ од Кочани реализираа втора хуманитарна акција за помош на старите и изнемоштени лица во селата на падините на Осоговските Планини.
Во соработка со здружението „Умиление“ од Виница и Општина Кочани, беа обезбедени пакети со храна и средства за лична хигиена што веќе им се доставени на жители на планинските села.

-Хуманитарната акција е втора за оваа година и веќе посетивме дваесетина лица во планинските маала на селата Небојани, Крушка, Рамно Брдо, Лисо Брдо, Касиро и Црешната. Се работи за повозрасни, болни и изнемоштени жители кои сѐ уште живеат на своите имоти во сурови услови во Осоговијата. Претходната акција ја реализиравме по новогодишните празници, во периодот кога пристапот до планинскиот регион беше отежнат поради врнежите од снег, истакна Тошо Антов, претседател на ПСК „Осогово“.

Хуманитарната акција на планинарите и на Здружението и Општината ќе продолжи до април, односно ќе се реализира два пати месечно.


©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.