Во изминатото деноноќие, во период од неколку часа, Територијалната противпожарна единица од Кочани имаше две интервенции кај моторни возила на сообраќајниците во градот.
Екипа пожарникари со едно навално возило во четвртокот доцна попладне, во близина на двојниот мост, интервенираше на пожар кај патничко моторно возило фолксваген пасат со кочански регистерски ознаки. Автомобилот се запалил во движење, при што веднаш бил упатен повик до ТППЕ, а од огнот е предизвикана материјална штета во просторот на моторот. За среќа нема повредени лица, а немало ни загрозување на безбедноста на другите учесници во сообраќајот.

Втората интервенција на пожарникарите била околу два часот по полноќ, на сообраќајна несреќа во населбата Оризари. Возило „хонда“ со кочански регистарски ознаки, управувано од 19-годишниот Б.С. од Кочани, удрило во бетонски ѕид. Во несреќата возачот се здобил со тешки телесни повреди, а неговиот малолетен сопатник со телесни повреди. Притоа противпожарната екипа интервенирала при извлекување на повредените. Поради сериозноста на повредите, возачот веднаш бил префрлен во болница. Увид на местото на несреќата направила и полициска екипа.
Паралелно со овие две интервенции, припадниците на ТППЕ – Кочани во изминатите неколку денови беа на терен за гасење на пожарот кај планинското село Пресека, каде имаа и континуирани дежурства.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.