Вечерва избувна пожар на просторот под Спомен домот ,,АСНОМ”. Гореше нискостеблеста шума и трева, а по интервенцијата на шест пожарникари и три противпожарни возила, огнот беше изгаснат.
И покрај сите апели од надлежните служби да не се пали оган на отворен простор и да се внимава при користењето пиротехнички средства при прослави, очигледно е дека тоа не допира до никого.
Жителите на улицата ,,Иван Иванов Балашо” истакнаа дека секоја година во летниот период над нивните домови има опасност од огнеаната стихија.
-Минатата година три пати во еден ден имавме пожар на оваа локација. Додека дојдат пожарникарите и го изгасат, огнот повторно се разгоруваше. Тревата треба постојано да се коси, а не да се остава вака. Ние сме навикнати на ова, јас веднаш го изнесов цревото и прскавме накај оганот, истакна Снежана Манева, жителка на улицата ,,Иван Иванов Балашо”.
Пожарникарите од ТППЕ – Кочани секојдневно интервенираат на пожари на отворен простор и запалени стрништа. На терен беа и полициски службеници од Полициската станица – Кочани.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.