Помор на риба во езерото Гратче регистрирале членовите на Спортско-риболовното здружение „Кочански рибар“.
На површината на водата изутринава тие забележале поголем број угинати риби од видот костреж, а дел од нив сѐ уште зашеметени пливаат покрај брегот на езерото.

Засега нема информации што е причината за угинувањето на рибата, а поради викендот надлежните не можат да направат испитувања.
-Веќе се известени инспекторатите за животна средина и за земјоделство, како и Институтот за сточарство и рибарство. Во текот на викендите не работи лабораторијата, односно ако се земат мостри не би можеле да се испитаат до понеделник. Од инспекторатот беше предложено мостри од водата и од рибите да се замрзнат за да можат подоцна да се испитаат, но од Институтот информираа дека добиените резултати на тој начин нема да бидат меродавни, истакна Ивица Јорданов, претседател на СРЗЕК „Кочански рибар“.

Согласно членот 98 од Законот за рибарство и аквакултура секое правно или физичко лице кое ќе стори штета на рибите е должно да ја надомести штетата на концесионерот, а тоа во овој случај е СРЗЕК „Кочански рибар“. Концесионерот е должен средствата од надоместокот на штетата да ги намени за порибување.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






