Во салата за состаноци на Општина Кочани, 14 лица кои ќе бидат ангажирани во следните девет месеци, ги потпишаа договорите за општинско корисна работа во рамки на проектот „Доверба“.
Избраните кандидати ќе работат со скратено време, односно 20 часа неделно и притоа ќе добиваат паричен надомест од 13.750 денари во бруто износ.
-Од побарани 20 работно ангажирани лица, ни одобрија само 14 лица во шест различни области. Во наредниов период ќе работат пет негуватели во градинка, еден личен асистент, двајца посредници за донации, двајца олеснувачи за ромски деца, еден за социјални прашања и тројца негуватели за лица со попреченост. Денеска почнуваме со работен ангажман кој се состои од девет месеци. Дел од кандидатите имаа и тримесечна обука, а друг дел немаа. Во преоктот освен градинката вклучени се и училиштето „Раде Кратовче“, СОУ „Гошо Викентиев“, како и Општина Кочани, истакна Аника Илијевска Ѓорѓиева, виш соработник за социјална заштита во Општина Кочани.
Општина Кочани 12 години е дел од програмата општинско корисна работа, финансирана од УНДП, поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Последните 5 години проектите се реализираат со 20 отсто кофинансирање од Општината.
Проектот овозможува намалување на невработените лица, додека од друга страна се зголемува социјалната услуга и се подобрува квалитетот на животот на лицата во социјален ризик.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.