Локалната самоуправа на Зрновци го почна проектот за изградба на мини акумулација на Морошка Река, со што ќе овозможи подобрување на водоснабдувањето на домаќинствата во селото Мородвис.
За реализација на инвестицијата обезбедени се 2,2 милиони денари од општинскиот буџет, а се очекува градежните работи да се комплетираат до средината на идниот месец.

-Се работи за изградба на армирано-бетонска преграда, односно мини акумулација на реката над селото Мородвис, за што имавме изготвено технички проект уште пред три години. Со тоа ќе обезбедиме заштеда на водата во водоснабдителниот систем за домаќинствата бидејќи жителите ја користат и за наводнување на домашните градини во дворовите. Исто така, предвидено е околината на зафатот да се уреди во рекреативна површина што ќе може да ја посетува месното население, но и гости на општина Зрновци, а локалитетот се наоѓа во прекрасна недопрена природа, истакна градоначалникот на Зрновци, Борчо Коцев.
Покрај изградбата на мини акумулацијата, со проектот е предвидено да се расчистат и обноват постојните главни и помошни канали за наводнување во Мородвис, што ќе го олесни користењето на акумулираната вода.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






