КЈП „Водовод“ ја почна постапката за набавка на морски алги и микроорганизми за третирање на депонијата кај Бели, а со што треба да се спречи самозапалувањето на метанот од органските материи што се исфрлаат таму. За ова намена планирано е да се потрошат 400 илјади денари, а веќе е објавен јавниот повик за избор на давател на услугата.
Постапката се реализира по нешто повеќе од два месеца, откако на седницата во средината на јуни Советот на Општина Кочани донесе одлука од општинскиот буџет да се издвојат 1 милион денари и да се префрлат на сметката на комуналното претпријатие. Во образложението што тогаш го дадоа советниците беше нагласено дека состојбата е алармантна и премногу долго се чека на решение, додека загадувањето на воздухот што го предизвикува чадот од запалениот отпад го загрозува здравјето на сите граѓани.
Најновата набавка на алгите и третманот со нив на депонијата ќе се реализира по две години од последното третирање, иако во изминатиот период постојано имаше потреба од прскање на отпадот на ѓубриштето. Тоа особено стана загрижувачко по затворањето на локалните депонии во соседните општини, по што нивните комунални претпријатија почнаа отпадот да го носат во Кочани.
Со планираната сума треба да се набават околу 700 литри со морски алги од видот Ascophyllum Nodosum и Laminaria digitata, како и 150 литри воден раствор со живи микроорганизми со кои ќе се врши третманот.
Крајниот рок за поднесување на понудите од заинтересираните фирми е до 30 август, а избраниот најповолен понудувач ќе треба договорените количини да ги испорачува сукцесивно, по претходна писмена нарачака, до стопанскиот двор на КЈП „Водовод“.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.