Прво место во категоријата „Основни вредности“ освои ученичкиот тим од ОУ „Никола Карев“ од Кочани на Државното првенство по роботика, што денеска се одржа во Скопје.
На првенството учествуваа 23 тимови, од кои 16 беа од основните училишта во државата. Сите ги претставија своите решенија за вистински предизвици поврзани со зачувувањето на океаните, според овогодинешната тема SUBMERGED (потопено).

-Со ова докажуваме дека ја следиме напредната технологија и дека нашите учениции имаат одлични услови за работа во нашето училиште, истакнаа од ОУ „Никола Карев“.
Тимовите се натпреваруваа во автономни роботски предизвици, а во жири-комисијата беа универзитетски професори и лидери од компанијата Бехтел која беше главен спонзор. Тие ги оценуваа проектите според иновацијата и основните вредности на „First Lego League Challenge“.

Државниот натпревар се одржа во соработка со Академијата за роботика и иновации, која е регионален партнер за организирање на „First Lego League“ натпреварите во земјава.
Овој настан е дел од глобалната иницијатива „First Lego League“, која ги воведува децата на возраст од 9 до 16 години во науката, технологијата, инженерството и математиката (STEM) преку практично учење. Со поддршка од УНЕСКО програмата има за цел да поттикне креативност, критичко размислување и тимска работа.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.