Општините Виница и Кочани ќе спроведат координирана акција за прскање од воздух против комарците, со што се очекува да се постигне поголема ефикасност против здодевните инсекти.
Со оглед што истиот оператор ќе го обезбеди авионскиот третман, двете локални самоуправи се договориле тоа да биде во ист ден. Градоначалникот на Виница, Миле Петков на последната седница на општинскиот Совет даде кратко образложение за претстојната активност.
-Имаше веќе терестичко прскање, од земја, пред една недела, а за овој викенд, сабота или недела ќе има авионско прскање. Тоа е планирано да го правиме заедно со Општина Кочани, односно и Кочани и Виница да бидат во ист период. Ќе биде во сабота, евентуално недела, ако не се расипе времето, па да се одложи. Инаку, така е договорено веќе, истакна Петков.
Исто како и во Виница, и во Кочани веќе се реализираше терестичкиот третман, односно прскањето од земја против комарците, така што авионското ќе биде продолжување на овогодишнта кампања за дезинсекција.
Годинава Општина Кочани склучи договор во вредност од над 1,5 милион денари во бруто износ со компанијата „Бониер“ од Куманово за воздушно прскање, како и со компанијата „Лиса Ком“ од Кавадарци за терестичко ларвицидно третирање во износ од околу 300 илјади денари.
Општина Виница пак, за авионското прскање на кумановската фирма ќе ѝ плати над 370 илјади денари, додека пак за терестичкиот ларвициден третман со Центарот за јавно здравје од Скопје склучи договор на нешто повеќе од 120 илјади денари.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.