Општина Кочани презеде почетни активности за обезбедување соодветен простор за Центар за дневен престој на лица со попреченост, за што веќе аплицираше на повикот од Проектот за подобрување на социјалните услуги на Министерството за социјална политика, демографија и млади, што е поддржан од Светска банка.
Со апликацијата е предвидено Центарот да биде сместен во дел од просторот на источната страна на Спомен комплексот АСНОМ, што претходно го користеше Правниот факултет на универзитетот „Гоце Делчев“. Просториите се оштетени, а околината е руинирана откако пред десетина години Факултетот целосно беше преселен во Штип, а грижа за објектот не поведе никој.

Со повторно ставање во функција на Центарот за дневен престој целта е да се добие простор за соодветна грижа и психосоцијална поддршка за лицата со попреченост.
Во Министерството за социјална политика, демографија и млади веќе е изготвена првичната оцена за влијанието врз животната средина и социјалните аспекти од реализацијата на проектот. Во план е да се обезбеди заем од Меѓународната банка за обнова и развој (МБОР), а средствата да се наменат за проектот „Адаптација на простор за Центар за дневен престој на лица со попреченост, Општина Кочани“.

Реновирањето и адаптирањето на објектот ќе биде на приземје и ќе се прилагоди за лесен пристап за лица со попреченост. Почетната активност на проектот е прилагодување на просторот отстапен од Oпштина Кочани на површина од 106 m2. Потребно е да се подготви елаборат за заштита на животна средина за адаптација на простор за Центар за дневен престој на лица со попреченост и истиот да биде одобрен од градоначалникот на Кочани.

Според податоците, во општина Кочани се евидентирани 194 лица со попреченост на возраст над 26 години, од кои 89 машки и 105 женски. Со тешка физичка попреченост има 79, слепи се 51, глуви 61 лице, а 3 лица се со длабока интелектуална попреченост. Според староста, 90 лица се на возраст меѓу 26 и 65 години, а 104 лица се над 65 години.

Крајни корисници на Центарот ќе бидат 24 лица со тешка физичка попреченост над 26 години и нивните потесни семејства – жители на општините Кочани, Чешиново – Облешево и Зрновци или вкупно околу 96 корисници.
На веб-страницата на Општина Кочани на увид на јавноста е ставен документот „Листа за проверка (чек-листа) за планот за управување со животната средина и социјалните аспекти“, а забелешки или прашања за проектот може да се доставуваат во рок од 14 дена од објавувањето, преку официјалниот формулар за прашања.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






