Во изложбениот салон на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, денеска се одржа пригодна програма по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Организатори на настанот беа Музејот „Теракота“, Домот на културата и Здружение на уметници УМ-Виница, како дел од проектите што се одобрени и финансирани од Министерството за култура како проекти од национален интерес.
Голем број на уметници од Здружението УМ донираа свои уметнички дела што се најдоа на продажба. Средствата што се собрани ќе бидат уплатени на сметката на Дневниот центар за згрижување на лица со посебни потреби во Виница.
Многубројната публика имаше можност да ужива во прекрасните изведби на лицата со попреченост од Дневниот центар, кои се претставија со две музички точки под раководство на Гоце Богданов, како и во на изведбите на хорот при ООУ„Славчо Стојменски“ Виница, под раководство на наставникот Христијан Каранфилов.
Дечињата од детската градинка „Гоце Делчев“ – Виница, кои заедно со нивните наставнички и воспитувачки подготвија и подарија рачно изработени подароци за лицата со попреченост, со што покажаа дека инклузијата им е потребна на сите и се учи уште од најмали нозе.
Во рамки на настанот Музејот „Теракота“ им додели благодарници за успешна соработка на градоначалникот на Виница, Миле Петков, како и на членовите на Здружението УМ, Домот на културата „Тошо Арсов“, соработници и раководители на приватни фирми кои даваат голема поддршка на настани со ваков и сличен карактер.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.