Во организација на Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари, а по повод верскиот празник Ѓурѓовден, викендов се одржа 11. издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Традиционални Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“.
Манифетсацијата и годинава понуди богата програма со народни обичаи по повод празникот, како и концерти со изворна музика што се одржаа во Зрновци и Оризари, на кои им претходеа фолкорни дефилеа.
Во програмските содржини учествуваа неколку стотини млади фолклористи од фолклорни ансамбли од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Бугарија.
-Одбележувањето на празникот Ѓурѓовден на овие простори има долга традиција во исполнувањето на верските, но и секојдневните животни потреби на населението. Бројни се обичаите поврзани со здравјето, плодноста и преминот од зимскиот кон летниот период, а наша цел e да ги продолжиме и да ги зачуваме од заборавот. Покрај традиционалните песни и ора, во рамки на фестивалската програма беше прикажан начинот на биење млеко, правење масло и матеница, месење ѓурѓовденски зелник, а имаше и дегустација на традиционални домашни јадења. Младите се натпреваруваа во стари спортски игри, како влечење јаже, скокање со вреќа и слично, истакна Александар Тошев, претседател на ФА „Љупчо Сантов“.
Фестивалот чија цел е зачувување и претставување на материјалното и духовното богатство околу празникот Ѓурѓовден е поврзан со пролетното будење на природата и периодот на интензивни активности во земјоделството и сточарството.
Финансиската поддршка за реализација на програмските содржини на фестивалот е обезбедена од Министерството за култура, од општините Кочани и Зрновци, како и од општествено одговорни компании од регионот.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.