За да се поттикне искористеноста на градежните машини и да се обезбедат дополнителни приходи за јавното претпријатие, Советот на Општина Зрновци на својата петта седница едногласно ја усвои предлог-препораката за корекција на цените на услугите на КЈП „Водна кула“.
Главната причина за оваа одлука е слабиот интерес на граѓаните и фирмите за користење на општинската механизација поради досегашните високи цени. Градоначалникот Ванчо Митев, образложувајќи ја потребата од промена, истакна дека досегашниот модел не бил функционален.
-Сегашните цени од 3.000 денари за физички лица и 4.500 денари за правни лица не ги дадоа посакуваните резултати. Многу слабо се искористени и машините и механизацијата со коишто располага самото комунално претпријатие, истакна Митев.
Според новата препорака која се доставува до Управниот одбор на претпријатието, најзначајно е намалувањето кај ровокопачот, чија цена сега ќе изнесува 2.000 денари по час за сите корисници, со што се брише претходната поделба на категории.

Покрај ова, дефинирана е широка палета на нови цени за различни активности: користење трактор – 120 денари по километар, трактор со приколка – 1.000 денари по тура, пробивање канализација (сајла) – 1.500 денари по час, машинско косење – 2 денара по квадратен метар, машинско кастрење гранки -2.500 денари по час и замена на водомер – 300 денари за физички и 600 денари за правни лица. Сите наведени цени се со веќе пресметан ДДВ од 18%.
Претставниците на локалната власт се надеваат дека со овој потег КЈП „Водна кула“ ќе стане поконкурентно на пазарот и ќе го зголеми обемот на работа, што директно ќе влијае врз неговата на финансиската стабилност.
Одлуката беше донесена едногласно, со девет гласа „за“, по што препораката се испраќа до претпријатието за финализирање на новиот ценовник, кој потоа повторно ќе помине низ Советот за конечна согласност.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






