Сериозни дискусии, дури и со повисок тон од вообичаениот, имаше на 60. седница на Советот на Општина Кочани, која уште пред да се гласа дневниот ред се виде дека нема да заврши брзо, иако имаше само шест точки за разгледување.
Советниците на самиот почеток најавија дека се против предлог-одлуката за утврдување Детален урбанистички план за Градската четврт 13, што ја опфаќа населбата Текешински лозја и просторот на Панаѓурот, откако беше побарано оваа точка да биде повлечена од расправата.
-Поради информациите што ги имаме од граѓани за судски спорови што потекнуваат од 2004, 2010, 2018 и 2019 година барам овие две точки да бидат тргнати од дневен ред и да бидат разгледувани во некое идно време. Кога ќе почне разгледувањето на овој ДУП треба да имае една поширока дебата, поширока расправа во која ќе бидат вклучени сите граѓани на Кочани и според гласот на граѓаните да постапуваме ние советниците, истакна Гоце Марков, член на Советот на Општина Кочани.

Барањето да се повлече точката од дневен ред предизвика нови дискусии, а советниците нагласија дека со предложениот урбанистички план не се води доволно сметка за доброто на жителите и наместо да се создава хармонично, функционално и одржливо урбано јадро, приоритет им се дава на интересите на поединци, наместо на заедницата.
-Граѓаните имаат право на квалитетен простор за живеење, но овој план остава впечаток дека главната цел не е подобрување на урбаното живеење, туку искористување на секој слободен квадратен метар за изградба, без јасна визија и стратегија. Во блок 13.08 наместо предложените четири нови станбени згради со висина од по 18 метри, а за да им биде појасно на граѓаните станува збор за местото каде е Панаѓурот, односно ГП13.08.022, ГП13.08.023, ГП13.08.024 и ГП13.08.025. На истата таа локација бараме да се направат измени во деталниот план и наместо колективно домување А2, да биде Д1 – паркови и зеленило. Да се создаде парк, простор за одмор и рекреација. Ако оваа промена не се реализира, ние нема да го поддржиме предложениот урбанистички план, истакна Ивана Максимова, член на Советот на Општина Кочани.
-Никој не сака да живее во бетонска џунгла, квалитетот на живеење е важен и не може на кој како ќе му текне да ни црта згради, без да предвидува паркинг, без да предвидува зеленило. Една потполна дехуманизација на градот да се случува, што е срамно за град којшто пред стотина години имал европска награда токму за квалитетно урбанистичко планирање, а сега буквално е Франкенштајн од урбанизам, истакна Жаклина Филипова Свеќароска, член на Советот на Општина Кочани.
Од Секторот за урбанизам на Општина Кочани излегоа со објаснување дека предлог-одлуката не е дефинитивна и не значи дека урбанистичкиот план ќе се донесе веднаш, туку дека тоа ќе помине низ комплетна процедура со јавна расправа пред граѓаните, кои ќе можат да ги кажат и своите мислења.

-Забелешките што ќе бидат прифатени, ќе бидат вградени во планот. Сите ваши сугестии за зеленило, за намалување на број на колективни згради, за 30 дена сите граѓани ќе имаат право да дадат свои забелешки и мислења, како и свои предлози и идеи како треба да биде изработен планот. По вградување на забелешките, деталниот план ќе оди на мислење до Министерството за транспорт и врски и ќе дадат согласност кога ќе се вградат забелешките. Значи, прво го гледа јавноста и граѓаните, па го гледаме ние, па Транспорт и врски, стие тие кога ќе кажат планот е во ред, тогаш предлог планот во таа верзија ќе оди на согласност за усвојување до Советот на Општина Кочани, рече Дивна Цековска, раководител на Одделението за урбанизам и заштита на животната средина.
Откако не помина предлогот точката да биде повлечена од дневниот ред, за неа повторно се разви дискусија во текот на седницата.
-Еве една кратка увертира за Градска четврт 13, таа е со површина од 691.221 метри квадратни или околу 69 хектари. Има изградено 26 станбени згради со вкупна површина од 75.612 метри квадратни, вкупниот број на жители според некои пресметки е околу 4.200., а како шифра Д1 – паркови и зеленило, има само 5.907 метри квадратни или тоа е околу 0,85%. Во опфатот постои уреден зелен сквер во северозападниот дел од опфатот, и уште неколку помали зелени простори. Од податоците добиени од КЈП „Водовод” во опфатот нема изведена атмосферска канализација, а нето густината изнесува 61%, истакна советничката Максимова.

-Не можам да кажам дека за мене не е сериозно проблематично тоа што го направивте со Градска четврт 6 во Крушарското Маало, каде што се чувствуваат последиците, а гледаме дека уште се градат нови згради. Би апелирал во иднина да го намалите бројот на згради на потегот каде што има население, да го гледате потегот кај Монополски бавчи или други делови каде нема толкава фреквенција на возила и густина на население, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
-Мислам дека не сте искрени, повеќе ве води гладта за политички поени и она што се случува граѓаните го гледаат. Како советничка група, како политичка партија не се криеме од граѓаните, не ги манипулираме нашите ставови, ќе го кажам мојот став, дека за оваа точка ќе гласам против, истакна Мирче Стојков, член на Советот на Општина Кочани.
-Не се согласувам со вас, вие имате двојни стандарди, ако немавте двојни стандарди немаше да гласате за Градска четврт 6 и да се градат на таа густина на население толку згради, истакна советникот Крстевски.
На седницата беше нагласено дека советниците не се против носењето на Детален урбанистички план, затоа што тоа значи дека граѓаните кои живеат таму не можат да направат ниту реконструкција на своите објекти. Но, планот како што е предложен, без измени нема да добие поддршка.
На крајот, по поединечното гласање, со 12 гласа против, предлог-одлуката за ДУП за Градска четврт 13 во изготвената форма не доби подршка од советниците.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.