Македонската гордост на младите науки, Владимир Грчев од Кочани, уште еднаш блесна. На 29. Балканската математичка олимпијада за млади (JBMO) 2025, што се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга, тој го донесе сребрениот медал за Македонија!
Грчев, кој годинава освен што повторно е дел од националниот тим по информатика, успеа да се пласира и во националниот тим по математика, и токму преку него ја претставуваше нашата земја на JBMO 2025.

Иако на оваа олимпијада отпатува со повреди, тоа не го спречи да даде сè од себе. Со болка, но со непоколеблива волја и ментална сила, Владимир ги решаваше задачите и се избори за медал што зборува многу повеќе од резултатот – тој е симбол на храброст, истрајност и блескав млад ум.
На Јуниорската балканска олимпијада по математика учествуваа тимови од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Кипар, Грција, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција и од Македонија.

Со овој успех, Македонија доби уште еден важен меѓународен медал, а Грчев уште еднаш покажа дека ниту болката, ниту границите, не можат да ја запрат генијалноста кога е водена од срце и посветеност.
Честитки за ова извонредно момче! Сребро за него – но, златен пример за сите нас.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.