Во рамки на грижата за своите вработени, компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ отвори вежбалница со современа опрема за физички и кондициски вежби.
Просторијата е лоцирана во производниот погон АХЦ и ќе можат да ја користат сите вработени кои сакаат да се активираат за подобрување и унапредување на сопственото физичко здравје.
-Станува збор за комплетно наша инвестиција и сите вработени во компанијата ќе можат да ја користат оваа привилегија. „Амфенол“ помага на целата општествена заедница, но приоритет пред сè е здравјето и грижата за благостостојбата на сите наши вработени. Со отворањето на овој простор, што беше сработен со многу посветеност и несебичен труд, очекуваме да се дадат значајни придобивки. Тоа всушност е промовирање на здрав начин на живот, развивање на здрави животни навики, затоа што само здрав поединец е среќна, ефикасна личност, не само во професионалниот, туку и во приватниот живот. Сакаме да им помогнеме на нашите вработени, да имаат една таква можност, битна е физичката активност, но треба да се имаат и услови за тоа. Секој не е во можност да си обезбеди такви услови, така што компанијата се погрижи и за тоа, истакна Валентина Андовска од „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Покрај редовното, претходно беше обезбедено и дополнително приватно здравствено осигурување, што „Амфенол“ го плаќа за сите над 3.000 вработени, со што тие бесплатно можат да се лекуваат во сите клиники во државата.
-Покрај систематската грижа за секој поединец, за здравјето на нашите вработени, ова денеска е уште една потврда дека „Амфенол Технолоџи Македонија“ не заостанува ниту чекор зад компаниите во високоразвиените земји и грижата за вработените и во иднина ќе биде наш приоритет. Многумина од луѓето кои аплицираат за работа овде, со приватното здравство и сознанието дека доаѓаат во сигурна и безбедна компанија, што се грижи за здравјето на секој поединец, го сметаат за една од најголемите привилегии и е причина за најголема мотивација за толкав број заинтересирани за вработување, додаде Андовска.
Услугите на новоотворената вежбалница вработените во компанијата ќе можат да ги користат бесплатно, а од „Амфенол“ најавија дека ова е само прв ваков чекор и во иднина ќе продолжат со слични активности.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.