Територијалната противпожарна единица од Кочани се соочува со сериозен недостиг од пожарникари, поради што не го исполнува законски предвидениот минимум според територијата и бројот на населението што ги покрива. Во единицата се вработени само половина од потребниот број пожарникари, а само со добра организираност и ангажман на сите, таа досега успешно се справува со секојдневните предизвици.
Една од приоритетните задачи на Локалната самоуправа на Кочани, под чија надлежност е противпожарната единица, е да обезбеди услови и да најде средства за вработување на нови пожарникари, со што барем малку ќе се подобри кадровската состојба. Со тоа ќе се подигне нивото на безбедност и заштита од пожари и други непогоди во општината и целиот регион.
На последната седница на општинскиот Совет, на која се разгледуваше планот за нови вработувања во 2025 година, а за кои е надлежна локалната власт, беше упатена забелешка за кадровската екипираност на Територијалната противпожарна единица.
-На седницата во јануари од страна на општинските служби беше кажано дека доколку не добиеме блок дотации, на сопствен трошок ќе бидат вработени тие две лица во Пожарната. Времето поминува, знаеме дека со двојно помал капацитет од бројот на потребни пожарникари работи кочанската Пожарна, затоа ме интересира што доколку не добиеме дотации од Министерството за одбрана или кое е надлежно што треба да ги даде. Дали повторно, као Општина, ќе кажеме дека ни е товар и ќе биде оптоварување на буџетот да имаме две вработувања? Јас сум сигурен дека поефективно би било да се вработат пет пожарникари, отколку двајца правници во Општината, ако се разбираме, истакна Венко Крстевски, член на Советот на Општина Кочани.
Според образложението од општинската администрација потребите, плановите и желбите за нови вработувања од една и финансиската реалност од друга страна не дозволуваат тие соодветно да се реализираат.
-Општина Кочани имаше предвидено средства за вработување двајца пожарникари во 2025 година, но поради зголемување на трошоците за минимална плата, дојде до финансиски импликации за одделување поголеми средства од сопствениот буџет. ТППЕ добива дотации од околу 10 милиони денари, а од буџетот на Општината, според новите пресметки и колективниот договор, со овој интензитет ќе испадне да се издвојуваат уште околу 6-7 милиони денари за плати и надоместоци. Законскиот минимум за нашата општина е 32 пожарникари, а за жал, ние имаме само 16, а за 50 отсто од нив Општината учествува со покривање на финансиските трошоци, истакна Драган Ананиев, секретар на Општина Кочани.
Покрај Кочани, Противпожарната единица, целосно ги покрива и териториите на соседните општини Зрновци и Чешиново-Облешево, каде во просек има околу половина од интервенциите на годишно ниво, но од нивните општински буџети не добива средства.
Дополнително, од буџетот на Општина Кочани се издвојува финансиска поддршка за работата на Доброволното противпожарно друштво кое има околу педесетина доброволци. Од нив соодветна стручна обука имаат трисетина лица и тие излегуваат на терен и помагаат во интервенциите.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.