Во рамки на програмата URBACT Pioneers Accelerator во Градскиот парк во Виница се одржа креативна работилница на која учествуваа 30 ученици од петто одделение од општинските основни училишта „Гоце Делчев“ и „Славчо Стојменски“.
Под мотото „Мал архитект на паркот – 2025“ работилницата им овозможи на учениците, преку цртежи и моделирање со пластелин, да ги изразат своите идеи и визии за тоа како би сакале да изгледа нивниот градски парк. Притоа ги споделија и своите размислувања за тоа што им се допаѓа, а што би сакале да се подобри во постојното уредување.

Учесниците беа поделени во пет тематски групи – спорт, одмор, безбедност, природа и тимска игра – за да се поттикне групна креативност и размена на идеи.

Идеите и предлозите што произлегоа од оваа активност ќе бидат земени предвид при реализацијата на пилот-акцијата за уредување на паркот, во рамки на можностите на проектот. Работилницата претставува пример за активно вклучување на најмладите граѓани во создавањето на позелена, побезбедна и поинклузивна јавна средина.
Во знак на благодарност за нивното учество и креативност, на сите ученици им беа доделени дипломи за „Мал архитект на паркот – Виница 2025“.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






