Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“ од Оризари ја заврши петдневната турнеја во Германија каде имаше целовечерен настап пред македонските иселеници.
Членовите на ансамблот настапија со изворен фолклор, инструментална изведба со тапани, соло изведба на тамбура, песни и уметнички ора во три блока со времетраење од 40 минути во рамки на повеќечасовната јубилејна програма по повод 30 години од постоење на КУД “Македонија” од местото Уна во близината на Дортмунд.

На настанот како гости беа присутни и директорот на Агенцијата за иселеништво, амбасадорот на Македонија во Германија, претставници од конзулати, министерства, локални претставници од општина Уна и други.
Членовите на ансамблот за добредојде беа пречекани од Црковната управа од Македонската православна Црква од Дортмунд и парохискиот свештеник протојереј ставрофор Душко Пецов, со организиран заеднички ручек и од свештеникот добија подароци за спомен.

Слободното време беше искористено за дружење, прошетки и други активности со домаќините од Уна. Ансамблот имаше настап и во МПЦО “Св. Петка” во Диселдорф, по повод нејзиниот патронен празник.
Членовите на ансамблот попатно имаа прошетки во Марибор -Словенија, Прага – Чешка и во Крушевац – Србија.
Средствата за реалзиација на турнејата се обезбедени од Министерството за култура и туризам, со сопствено учество на членовите на Ансамблот и од неколку спонзори.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






