Согласно програмата за инфраструктурни инвестиции, Општина Кочани ја почна постапката за изградба на фекална канализација на улицата „563“, лоцирана над десниот магистрален канал во зоната Лесна индустрија. Пред неколку години таму беа оттуѓени градежни парцели на кои веќе никнуваат објекти за производство и услужни дејности, но до сега немаат соодветен одвод на отпадните води.
При крај е рокот од јавниот повик за прибирање понуди од заинтересираните изведувачи на градежните работи. Планираната сума за реализација е околу 5 милиони денари во нето износ. Половина од парите се обезбедени од Министерството за животна средина и просторно планирање со договор од април годинава за доделување средства. Остатокот е кофинансирање од буџетската сметка на Општината.
Според техничката спецификација, од избраниот изведувач ќе се бара да постави полиетиленски коругирани канализациски цевки, заедно со потребните делови за спојување и одвод на отпадните води. Се работи за две цевки со надолжен пресек од 200, односно 250 милиметри и вкупна должина од 560 метри. Исто така, во описот на работните задачи е набавка и изведба на десетина високопресувани префабрикувани шахти со капаци од лиено железо.
Понудите до Локалната самоуправа на Кочани изведувачите треба да ги достават до 24 јули, а по изборот на најповолната и склучувањето на договорот, градежните работи ќе треба да се комплетираат во период од четири месеци.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.