Каратистот Филип Стојанов од КК „Партизан“ – Кочани ќе биде дел од македонската репрезентација на Европското првенство за кадети, јуниори и каратисти до 21 година, што во февруари ќе се одржи во Полска.
На денешниот Државен Бергер натпревар во Скопје, што беше и изборен за состав на репрезентацијата, тој го освои првото место во категоријата кумите јуниори +76 кг. Со три победи по ред, Стојанов ја продолжи доминацијата во својата категорија и без ниту еден изгубен меч заслужено ќе се натпреварува со најдобрите на европскиот континент.
Неговиот клупски колега Јован Арсов, по освоеното трето место на Државното првенство, денеска прикажа одлични борби и извојува две победи . Сепак, во директната борба за прво место и пласман на Европското првенство загуби од својот противник со еден поен разлика и не успеа да се пласира на европскиот шампионат.
Третиот член на карате клубот „Партизан“, Владимир Трајков кој исто така беше третопласиран на Државното првенство, денеска на изборниот натпревар го потврди третото место, но и тој не успеа да влезе во состав на репрезентацијата на Македонија.
На изборниот Државен Бергер натпревар учествуваа првопласираните четворица од секоја категорија кои изборија пласман на Државното првенство што се одржа пред две недели. Каратистите се натпреваруваа по системот секој со секого, односно имаа по три борби од кои зависеше дали ќе се најдат во репрезентативниот состав.
Од младиот Филип Стојанов се очекува добар настап на Европското првенство, односно по освоените сребрен и бронзен медал од Балканското првенство што се одржа пред 2 месеца во Сараево, да израдува и со медал од шампионатот на Европа.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.