Кандидатот за градоначалник на Кочани, Игор Христов и кандидатската листа за советници во Советот на Општината од коалицијата предводена од СДСМ вечерва ја одржаа првата официјална промоција во рамки на кампњата од локалните избори.
Пред партиските членови, поддржувачи и други гости беа преставени главните заложби од предизборната програма, со која тие ја бараат довербата од гласачите.

Во своето обраќање на промоцијата Христов нагласи дека повеќе од потребно е да се зборува за иднината на Кочани.
-Овие локални избори се одвиваат во време кога сите чувствуваме потреба од повеќе сигурност, чесност, потреба од вистинска работа – за доброто на секој граѓанин. Чувствуваме потреба од правда, од владеење на правото! Атмосферата е предизвикувачка, но во исто време е и можност да покажеме дека Кочани заслужува одговорно и визионерско раководење. Мојата – нашата визија за Кочани е јасна – Кочани да биде модерен, чист и развиен град, во кој младите ќе jа гледаат својата иднина, а возрасните ќе имаат достоинствени услови за живот. Верувам во град на еднакви можности, со нови инвестиции, подобра инфраструктура, социjална грижа и почит кон секоj човек. Верувам дека Кочани има потенцијал да биде пример за развој и солидарност. За тоа ни треба тимска работа, чесност и посветеност. На Кочани не му се потребни големи ветувања. На Кочани му треба градоначалник кој ќе биде меѓу луѓето, кој ќе jа знае нивната мака, нивната радост и нивните потреби. Подготвен сум да да бидам со вас, до вас! Да ве слушам, заднички да го креираме Кочани како посакувано место за живеење, истакна Христов.

Зборувајќи за главните цели во својата предизборна програма тој ги нагласи принципите за кои ќе се залага да ги реализира.
-Нашите пет принципи за развој на Кочани се чист и зелен град, безбеден град, урбан и културен град, спортски град и туристички град. Затоа ги повикувам да ни се придружат сите што ги имаат овие карактеристики – а знам дека тие се секогаш побројни! Заедно – здружени, ќе ги победиме лагите на лукративно настроените! Заедно да изградиме штит од криминалот и корупцијата, кои видовме каде водат и од кои ни е преку глава, додаде Христов.

Носителката на советничката листа, Александра Коцева нагласи дека граѓаните се обединети за подобра иднина на Кочани, при што поединечно ги претстави предложените кандидати за советници.
-Локалните избори што ни претстојат се одржуваат во време кога сите чувствуваме дека е потребна нова енергија, нов пристап и нова визија за нашиот град. Советот на Општина Кочани ги носи одлуките од кои зависи во кој правец ќе се движиме. Советот на Општината не е агенција за вработување, за исполнување нечии желби, не е арена, не е паушал… Од Советот зависи иднината на Кочани. Нашиот предлог за членови на Советот на Општина Кочани е петка! Верувам во силата на заедништвото! Во нашата умешност да направиме промена! Овие избори се борба за нашиот дом, истакна Коцева.

На промоцијата пред присутните во салата на Мултикултурниот центар зборуваше Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ, која се осврна на атмосферата во која се одвива изборниот процес во Кочани по трагедијата од пред половина година.
-Знам дека ова се локални избори и на нив треба да одлучуваме за локалната власт. Ама овие избори, за жал, се погоди да се многу поважни од локалната самоуправа, особено овде во Кочани. На овие избори овде во Кочани мораме да ги спречиме, ВМРО не смее повторно да добие локална власт со која таа коруптивна спрега ќе ја засилува и ќе ја продлабочува, оти само тоа знаат да го прават. Не знаат, а и не сакаат да владеат во корист и во интерес на граѓаните. Јас сум свесна дека и претходните локални власти, и оние предводени од страна на СДСМ правеле грешки или дека не биле доволно добри или дека биле далеку од идеални. Но, далеку од идеални не е исто со штетни и пакосни, а токму такви – штетни и пакосни се нашите противници од ДПМНЕ, истакна Костова.
©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






