Шаховскиот клуб „Кочани“ беше домаќин и организатор на 4. Меморијален турнир „Тодор Милосиев – Тошо“, што традиционално се одржува во спомен на неговиот долгогодишен претседател, тренер и еден од најактивните членови, кој почина во 2021 година како последица од епидемијата на коронавирусот.
На турнирот учествуваа 20 шахисти, меѓу кои имаше и голем број млади, присуствуваа и претседателот на Шаховската федерација на Македонија, Воислав Мерџаноски и членот на Управниот одбор Зоран Стојчевски.

На отворањето на турнирот присутните ги поздравија актуелниот претседател на клубот, Благој Ситновски и членот на семејството на Милосиев, Марија Георгиева.
-Благодарност до сите учесници на турнирот што се одржува во чест на мојот татко. Би сакале во иднина учеството да биде помасовно, да има повеќе млади учесници затоа што тој се залагаше шахот да го засакаат младите луѓе и целиот се вложуваше за да ги научи нешто повеќе, истакна Георгиева.

Поддршка во организирањето на турнирот даде и Општина Кочани, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски вети дека вложувањето во шахот ќе продолжи и во иднина.
-Сметам дека сите деца треба да имаат пристап до клубот, да направиме поголема масовност. Во комуникација со претседателот на клубот, сè што е потребно ќе обезбедиме како целосна поддршка во следните неколку месеци, затоа што ова е генератор на бистри и големи умови, кои освен шаховската игра, ќе ги учат и вистинските вредности. Имаме многу квалитетни шахисти, Кочани отсекогаш важел, после Скопје, за најшаховски град во државата и ние тоа мораме да го продолжиме за што ни се потребни младите генерации, истакна Крстевски.

Турнирот се играше по Швајцарски систем во седум кола, првото место со 7 поени го освои интернационалниот шаховски мајстор Ванчо Стаменков. Веднаш зад него, на второто и третото место се најдоа Гоце Ѓорѓиев и Бошко Стаменков, кои освоија по 6 поени.
Организаторот на меморијалниот турнир за најдобрите обезбеди пехари и плакети.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






