Општина Кочани вечерва ја одржа јавната расправа за програмите и општинскиот нацрт-буџет за 2025 година, што претставува законска обврска во процесот на буџетско планирање. На расправата, на која присуствуваа претставници на урбаните и месните заедници, од граѓански здруженија, од јавни и други институции, граѓаните ги предочија проблемите од нивната непосредна околина и побараа што поскоро да бидат решени.
Најголем дел од жителите кои се јавија за дискусија главно беа фокусирани на потребата од реконструкција на нивните улици, на поредовното одржување на комуналната хигиена, но и на прашања што имаат поширок опфат и интерес и се однесуваат на проблеми што чекаат решение со години.
Беше нагласена потребата од решавање на паркирањето на возилата во централното градско подрачје, изградбата на долгонајавуваниот Дом за стари лица, комплетирање на патеки за рекреативно пешачење, спортски терени за младите…
Со оглед на споменувањето на истите потреби што беа потенцирани и на минатогодишната, но и на дебатите од пред неколку години, впечаток е дека оваа јавна дебата беше реприза на веќе слушнати искажувања.
Од општинската администрација рекоа дека целта на средбата со граѓаните е да се слушнат и нотираат нивните потреби, без да се влегува во дијалог.
Со оглед на невидливите ефекти од досега одржаните дебати, прашање е зошто тие воопшто се одржуваат, освен ако не е заради создавање впечаток дека надлежните ги слушаат граѓаните.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.