Локалната самоуправа на Кочани ќе реализира проект за преуредување и санација на оштетувањата на игралиштата и паркот во локалитетот Бавчалук, за што е планирана сума од над 2,75 милиони денари.
Околу една третина од сумата ќе биде покриена со финансиска поддршка од Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, во рамки на проектот „Направи разлика“, а за што кон крајот на мај Општината потпишала и меморандум за соработка.
Остатокот од средствата ќе бидат сопствено учество и тие веќе се планирани на расходната страна во општинскиот буџет за оваа година. Точната сума што ќе се кофинансира ќе зависи од договорниот износ што ќе биде постигнат согласно Законот за јавни набавки.
Според спецификацијата во меморандумот, предвидено е во детскиот парк да се постават по четири клацкалки и нишалки, 18 клупи во комбинација дрво и метал, да се санираат постојните летниковци, како и да се постават три дрвени плотни за маси на веќе постојните локации. Исто така, треба да се исчистат и санираат оштетувањата на терените за мал фудбал и кошарка, а по премачкувањето со полимерна емулзија, предвидено е нивно преасфалтирање. Дополнително, ќе бидат заменети искршените и оштетените табли и обрачи за кошарка, како и стативите на фудбалското игралиште.
Со средствата со кои ќе кофинансира, Општина презема обврска и да постави нови канти за отпадоци, дрвени седалки на постојната конструкција, како и да засади стотина садници од листопадни и зимзелени дрвја.
Рокот за реализација на преуредувањето на паркот и спортските терени е до крајот на октомври оваа година. Претходно, Советот на Општина Кочани треба да даде согласност на одлуката за кофинансирање, на редовната седница што е закажана за в петок.
© 2024 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 телевизија. Секое нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување е дозволено само со претходна согласност од сопственикот.