Општина Зрновци ќе реализира нова инвестиција во сообраќајната инфраструктура со што ќе се подобри патната поврзаност во атарот на селото Видовиште.
Веќе се обезбедени 4,1 милиони денари што ќе се вложат во реконструкција и асфалтирање на локалниот патен правец од Видовиште кон манастирот „Св. Спас“ и резервоарот за водоснабдување.

-Ова е уште еден проект кој иако не беше ветен во четиригодишната програма, слушајќи ги барањата и гласот на граѓаните на општина Зрновци, направивме максимални напори за изготвување на техничка документација, како и постапки за обезбедување на средства за реализација на истиот. Наскоро започнува постапка за избор на изведувач, а комплетната реализација на патот се предвидува до септември со што на сите жители, посетители и љубители на природата им овозможуваме пристап во еколошки чиста животна средина, информира градоначалникот Борчо Коцев.
Должината на трасата на која ќе се работи е околу 450 метри, а техничкиот проект за изградбата на патот го изработи проектантското биро „Виаинг“ од Скопје.

©2025 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






